Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство објави нова промотивна приказна во рамки на активностите за поддршка и афирмација на домашното производство. Станува збор за земјоделецот Владо Орданов од село Сирково, општина Росоман, ја раскажува својата успешна македонска приказна изградена врз долгогодишна семејна традиција, труд и постојана работа во овоштарството.
Орданов со години се занимава со производство на овошје, а неговите овоштарници се наоѓаат во атарот на Сирково, каде се одгледуваат праски, кајсии, нектарини, цреши, сливи, јаболка, круши, дуњи, бадеми и лешници.
Како што раскажува Орданов, неговата приказна започнува во земјоделско семејство кое со генерации се занимава со обработка на земја и производство на храна.
„Роден сум и израснав со љубов кон земјата, трудот и чесната работа“, вели тој, нагласувајќи дека од мали нозе бил вклучен во секојдневните земјоделски активности и учел од постарите генерации.
Со текот на годините, семејното производство се проширило со нови насади и современи методи на работа, со цел поголема ефикасност и подобар квалитет на родот.
Покрај производство на овошје, Орданов се занимава и со откуп на земјоделски производи.
Тој располага со ладилници за складирање и подготовка на овошјето, по што производите се пласираат на домашниот пазар и се извезуваат во странство.
Во рамки на својот бизнис има и земјоделска аптека, преку која на земјоделците им нуди препарати за заштита и прихрана на културите.
Како и многу земјоделци, Орданов се соочува со сериозни предизвици, меѓу кои најголеми се временските непогоди, високите трошоци за производство и нестабилниот пласман.
Сепак, како што истакнува, со упорност, труд и семејна поддршка успева да ги надмине пречките и да го одржи континуитетот на производството. Иако традицијата е силна основа на неговото работење, Орданов вложува и во модерни решенија.
Меѓу нив е и набавката на машина за заштита од мраз, која значително помага во зачувување на родот во критични временски услови.
Орданов испраќа порака дека младите имаат иднина во земјоделството доколку се вложи труд и посветеност.
-Македонија има плодна земја и вредни луѓе,а тоа е нашето најголемо богатство. Ако младите останат, работат и вложуваат во својата земја, иднината ќе биде уште подобра. Кампањата за македонски производи е многу значајна бидејќи ги поттикнува граѓаните да ги поддржат домашните производи, домашните производители и македонската економија. Со купување македонско, се вложува во трудот на нашите луѓе и во развојот на државата, порачува Орданов, а неговата приказна е објавена на платформата Македонско Најдобро, при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Деск
УСПЕШНА МАКЕДОНСКА ПРИКАЗНА НА ВЛАДО ОРДАНОВ: МАКЕДОНИЈА ИМА ПЛОДНА ЗЕМЈА И ВРЕДНИ ЛУЃЕ, ТОА Е НАШЕТО НАЈГОЛЕМО БОГАТСТВО!
2 Mins Read

