Во рамки на новата програмска платформа промовирана вчера, СДСМ најави пакет економски и социјални мерки насочени кон зголемување на платите и пензиите, како и поголема прераспределба на профитот кон граѓаните.
Од партијата оценуваат дека Македонија се соочува со сериозен јаз меѓу растот на цените и животниот стандард на населението, при што, според нив, дел од банките и големите компании остваруваат високи профити додека граѓаните се соочуваат со растечки трошоци за живот.
Во програмата се предлага воведување механизми со кои државата ќе ги стимулира компаниите што ги зголемуваат платите на своите вработени преку намалување на даночните обврски. Според концептот што го претстави партијата, дел од средствата што би завршиле во буџетот ќе остануваат кај работниците преку повисоки примања.
Посебен акцент е ставен на пензионерите. СДСМ предлага систем во кој пензиите ќе се усогласуваат со растот на цените и платите, а како цел е поставено зголемување на пензиите за 50 проценти во текот на еден мандат.
-Пензијата ве следи во чекор – ако поскапи храната или пораснат платите, веднаш добивате повеќе. Гарантираме 50% раст за сите во еден мандат, истакнато е во платформата.
Во делот на даночната политика, партијата најавува воведување дополнителен данок за банките и големите компании кои оствариле значителни добивки во услови на економска криза. Собраните средства, според најавите, би биле насочени кон поддршка на најранливите категории граѓани.
Програмската платформа предвидува и мерки за поттикнување на реинвестирање на профитот во земјата, преку поддршка за компании што вложуваат во нови технологии и домашна работна сила.
Дополнително, СДСМ најавува засилени механизми за борба против злоупотребите на пазарот, вклучително и заштита на граѓаните кои ќе пријавуваат манипулации со цени и нефер пазарни практики.
Деск

