Им кажувале дека ќе ги фотографираат, а всушност ги носеле на стрелање… Првин ги собрале во селската меана во Ваташа, ги тепале и ги обвинувале дека им помагаат на партизаните, а потоа ги однеле пеш, во колона во Моклиште.
–Ќе ве сликаме, им велеле, додека ги воделе и барале погодно место за стрелање. Четири девојки, Мара Хаџи Јорданова, Стева Ампова, Павлина Касапинова и Ката Ицева биле сведоци на настанот.
Од 15 до 28 години имаа децата и младинците кои на денешен ден во 1943 година беа крвнички убиени. Откако ги изрешетале со куршуми, потоа биле избодени и со бајонети.

Перо Видев, 15 години, Ванчо Гурев, 19 години, Данко Давков, 18 години, Илија Димов, 18 години, Ристо Ѓондев, 18 години, Блаже Ицев, 20 години, Пане Мешков, 18 години, Герасим Матаков, 18 години, Ферчо Попѓорѓиев, 26 години, Васо Хаџијорданов, 28 години, Диме Чекоров, 20 години и Пане Џунов, 18 години се жртвите на незапаметениот злостор, извршен од страна на бугарската воjска и полициски одреди на чело со капетан Борис Жеглов, поручник Борис Костов и подофицер Петко Опреков под команда на полковник Љубен Апостолов, командант на 56. Велешки пешадиски полк од Петтата бугарска армија.
На родителите не им било дозволено да си ги погребаат децата, и тие биле покриени со земја и гранки.Погребот беше организиран по војната.
„Смртта стана немоќна пред нашата младост исправена, пред очите наши загледани уште тоа утро во иднината”.
Овие зборови се напишани на споменикот во чест на младинците во Моклиште, да сведочат за ова крваво злосторство за кое спомените во кавадаречко се уште се свежи, а секоја година на 16 јуни семејства на жртвите им оддаваат почит и се поклонуваат пред нивниот споменик.
Деск

