Грчките власти најавија нови мерки за намалување на долгите колони и забрзување на протокот на патници на граничниот премин Евзони, кој во летниот период е еден од најфреквентните премини меѓу Македонија и Грција.
Заменик-министерот за внатрешни работи на Грција, Konstantinos Gkoulekas, изјави дека се разгледуваат привремени решенија со цел да се олесни преминувањето на границата за време на туристичката сезона, кога бројот на патници значително се зголемува, пренесе МИА.
Според најавите, на граничниот премин Евзони ќе бидат поставени модуларни контролни пунктови, со што ќе се овозможи проширување на капацитетите за контрола на возилата. Со ова, една сообраќајна лента би можела да се трансформира во две, што треба да придонесе за побрз проток и пократко време на чекање.
Покрај привремените решенија, грчките власти најавуваат и модернизација на инфраструктурата на самиот граничен премин. Целта е да се подобрат условите за работа на службите и да се обезбеди поефикасно управување со зголемениот број патници во текот на летните месеци.
Во однос на новиот европски систем за регистрација на патници при влез во Европската Унија, грчката страна посочува дека постојат механизми кои овозможуваат привремено и делумно одложување на неговата примена во периоди на исклучително голем сообраќај, со цел да се избегнат дополнителни застои на границите.
Преминот Евзони–Богородица секоја година бележи значителен пораст на сообраќајот во текот на летната сезона, кога илјадници туристи од Македонија патуваат кон грчките туристички центри. Властите очекуваат дека најавените мерки ќе придонесат за побрзо и поефикасно преминување на границата во претстојниот период.
Деск

