Paramount Pictures на CinemaCon 2026 официјално потврди дека долгоочекуваниот филм „Топ Ган 3“ е во развој, ставајќи крај на повеќегодишните шпекулации за продолжението на еден од најголемите кино-хитови во последната деценија.
Веста ја соопшти извршниот директор на Paramount, Џош Гринштајн, кој потврди дека сценариото е во напредна фаза на подготовка и дека Том Круз повторно ќе ја толкува легендарната улога на капетанот Пит „Маверик“ Мичел. Во проектот се враќа и продуцентот Џери Брукхајмер, кој стои зад успехот на целата франшиза.
Дополнително внимание привлече и самиот Круз, кој за време на најавата се појави во специјално снимено видео од врвот на препознатливата водена кула на студиото Paramount. „Иднината изгледа светла одовде“, порача актерот, предизвикувајќи воодушевување кај присутните.
Најавата доаѓа четири години по огромниот успех на „Топ Ган: Маверик“, кој во 2022 година заработи речиси 1,5 милијарди долари на светските кино-благајни со буџет од околу 170 милиони долари. Филмот стана симбол на закрепнувањето на кино-индустријата по пандемијата, враќајќи милиони гледачи во кината ширум светот.
Иако деталите за приказната засега не се познати, се очекува враќање на дел од актерската екипа од претходниот филм. Глен Пауел, кој го толкуваше ликот Хенгмен, претходно навести дека постојат конкретни планови за почеток на снимањето, додека Џенифер Конели јавно изрази подготвеност повторно да биде дел од франшизата. И актерот Џеј Елис потврди дека сценариото постои и дека проектот напредува.
Едно од најголемите прашања останува режисерската позиција. Џозеф Косински, кој го режираше исклучително успешниот „Топ Ган: Маверик“, сè уште не е официјално потврден за третиот дел, а според информации од Холивуд, Paramount разгледува повеќе кандидати за режисерската фотелја.
„Топ Ган 3“ ќе биде и првиот филм од франшизата по смртта на Вал Килмер, кој почина во 2025 година. Неговото емотивно појавување како Том „Ајсмен“ Казански во „Топ Ган: Маверик“ остана запаметено како еден од најтрогателните моменти во серијалот.
Датумот на почеток на снимањето и премиерата засега не се објавени. Но едно е сигурно – Маверик повторно ќе полета, а фановите на легендарната франшиза имаат причина за ново возбудување.
Б.Н.

