Љубителите на криминалистичките приказни наскоро ќе добијат нова телевизиска адаптација на еден од најпознатите детективи во светската литература. BBC официјално потврди дека започнува продукцијата на новата серија „Hercule“, која ќе ги следи раните години на легендарниот белгиски детектив Херкул Поаро.

Главната улога му е доверена на Едвард Блумел, актер познат по настапите во сериите Sex Education, Killing Eve и My Lady Jane. Со своите 33 години, Блумел ќе биде најмладиот актер што досега го толкувал Поаро во телевизиска продукција.
Новата серија ќе има шест епизоди и ќе се фокусира на првите случаи што Поаро ги решавал во Лондон, пред да стане светски познат детектив. Освен истрагите, гледачите ќе имаат можност да ги следат и неговите први средби со верниот соработник Arthur Hastings, како и со инспекторот Џејмс Џап од Scotland Yard.
Снимањето ќе започне ова лето во Ливерпул, додека премиерата на серијата е планирана за втората половина на 2027 година. Проектот е реализиран во соработка со BritBox и компанијата Agatha Christie Limited.
Новата адаптација веќе предизвика бројни реакции меѓу обожавателите на делата на Агата Кристи. Многумина сметаат дека незаборавна останува интерпретацијата на David Suchet, кој го играше Поаро повеќе од две децении, но продуцентите веруваат дека помладиот пристап кон ликот ќе привлече и нова генерација гледачи.
Со модерна продукција и нов поглед кон еден од најомилените литературни херои, „Херкул“ се очекува да биде една од најголемите телевизиски премиери во наредните години.

