Во Македонија е регистриран првиот случај на инфекција со Зика вирусот, потврди Институтот за јавно здравје (ИЈЗ). Станува збор за македонски државјанин кој се заразил за време на престој на Малдивите, каде што најверојатно бил каснат од заразен комарец.
Според епидемиолошките податоци, пациентот престојувал на Малдивите во периодот од 20 до 28 мај, а првите симптоми се појавиле на 24 мај. Тие вклучувале треска, болки во мускулите и зглобовите, како и покачена температура, по што неколку дена подоцна се појавил и карактеристичен осип.
По враќањето во земјата, пациентот бил лабораториски тестиран во Одделението за вирусологија при ИЈЗ, каде што бил потврден позитивен наод за Зика вирус. Лицето не било хоспитализирано и во моментов е во стабилна и добра здравствена состојба.
Од здравствените власти нагласуваат дека станува збор за увезен, односно импортран случај, и дека засега нема докази за локално ширење на вирусот во земјата. Ризикот за општата популација се оценува како низок.
И покрај тоа, ИЈЗ апелира граѓаните кои патуваат во тропски и суптропски региони да преземаат заштитни мерки против убоди од комарци, со цел намалување на ризикот од заразување со арбовируси како Зика.
Зика вирусот најчесто се пренесува преку убод од заразени комарци од родот Aedes mosquito, кои се активни претежно во тропски и суптропски региони. Овие комарци можат да го пренесат вирусот од заразено лице на друго лице преку убод.
Покрај тоа, поретко, вирусот може да се пренесе и:
-преку сексуален контакт
-од мајка на бебе за време на бременост или породување
-многу ретко преку трансфузија на крв
Вирусот не се пренесува преку секојдневен контакт меѓу луѓе, како што се допир, кашлање или кивање и не постои специфичен антивирусен лек. Третманот е симптоматски и вклучува: одмор и хидратација, лекови за намалување на температура и болка (како парацетамол), избегнување на аспирин и нестероидни антиинфламаторни лекови додека не се исклучи денга инфекција.
Повеќето заболени имаат лесна клиничка слика и се опоравуваат во рок од неколку дена до една недела без сериозни последици.

