Денес во Скопје ќе се одржи Парадата на гордоста 2026, која годинава се организира под слоганот „Сите нека знаат / Let Everyone Know“. Организаторите најавуваат дека со оваа порака сакаат да се спротивстават на тишината и замолчувањето со кои, како што велат, сè уште се соочуваат ЛГБТИК+ луѓето во општеството.
Собирањето на учесниците е закажано за 18 часот кај Фонтаната во Градски парк, додека маршот ќе започне во 19 часот. Поворката ќе се движи по булеварот Илинден, улицата Рузвелтова, булеварите Партизански одреди и ВМРО, како и по улицата Димитрије Чуповски, а ќе заврши во Жена парк.
Од Скопје Прајд велат дека слоганот „Сите нека знаат“ е порака против системското бришење и истиснување на ЛГБТИК+ луѓето од јавниот простор, културата и колективната меморија. Според нив, тој претставува повик за поголема видливост и еднаквост, но и потсетник на предизвиците со кои се соочуваат многумина кои стравуваат од последиците доколку јавно го откријат својот идентитет.
„Со овој слоган јасно порачуваме дека постоиме, тука сме и одбиваме да се смалуваме за да бидеме прифатени. Ние сме дел од семејствата, пријателствата, работните места и секојдневниот живот на ова општество“, наведуваат организаторите.
Парадата на гордоста во Скопје традиционално се одржува како настан посветен на промоција на човековите права, еднаквоста и видливоста на ЛГБТИК+ заедницата.

