Премиерот Христијан Мицкоски ги повика компаниите – производители, дистрибутери, добавувачи и останати деловни субјекти – да пријавуваат случаи на нефер трговски практики, со цел државата навремено да може да интервенира. Тој најави и засилени инспекциски контроли на терен за поефикасно откривање на вакви појави.
Според него, дел од маркетите користат заобиколни механизми преку трети и четврти фирми за наплата на таканаречени „ројалити“ надоместоци, што, како што рече, не претставува фер трговско однесување и тешко се открива при редовни инспекции.
„Ги охрабрувам сите дистрибутери и производители да пријавуваат нефер трговско однесување од страна на маркетите, бидејќи преку различни услуги преку трети фирми се фактурира таканаречен ројалити. Кога ќе се направи инспекција во сметководствените книги, сѐ изгледа во ред, но преку прокси канали се наплаќаат дополнителни трошоци“, изјави премиерот.
Во однос на економските движења, премиерот оцени дека земјата има една од најниските стапки на инфлација во регионот, споредувајќи ја со соседните држави. Тој посочи дека инфлацијата во Грција изнесува над пет проценти, во Бугарија над шест, а во Романија е близу до двоцифрено ниво.
„Истото е и во Косово и Хрватска, додека Албанија и Србија имаат меѓу три и четири проценти. Ние сме меѓу 4,5 и 4,7 проценти и очекувам со стабилизирање на состојбата и интензивните мерки да се спушти под четири проценти“, додаде тој.
Премиерот изрази очекување дека со смирување на геополитичките тензии, особено кризата на Блискиот Исток, како и со продолжување на дијалогот со компаниите, ќе дојде до понатамошна стабилизација на цените и намалување на инфлацијата.

