Апелациониот суд ја потврди првостепената пресуда со која Стојанче Јовановски е осуден на 12 години затвор за поттикнување самоубиство на неговата сопруга Ивана и нивната малолетна ќерка Катја.
Со одлуката, второстепениот суд ја одбил жалбата на одбраната како неоснована и ја потврдил пресудата на Основниот кривичен суд, со што казната станува правосилна.
Случајот предизвика големо внимание во јавноста по трагичниот настан во кој животот го загубија мајката и шестгодишното девојче. Во текот на судската постапка обвинителството тврдеше дека на трагедијата ѝ претходело долгогодишно семејно насилство, закани и психичка тортура, врз основа на што беше покренато обвинение против Јовановски.
Покрај кривичното дело поттикнување самоубиство, Јовановски беше прогласен за виновен и за други кривични дела поврзани со семејно насилство и загрозување на сигурноста, за кои му беше изречена единствена казна затвор во траење од 12 години.
Со правосилноста на пресудата, завршува судската постапка пред редовните судови во овој предмет. Случајот останува еден од најтрагичните и најследените во јавноста, отворајќи прашања за препознавањето и спречувањето на семејното насилство, како и за навремената институционална заштита на жртвите.

