Кога во февруари минатата година, амбасадорот на Македонија во Германија Илбер Села, ја посети реномираната германска клиника RHÖN-KLINIKUM Campus Bad Neustadt во Баварија, една од поголемите универзитетски болнички центри во Германија, јавноста дозна за поголемото присуство на македонски медицински кадар во оваа клиника, каде што работат околу 20 лекари од Македонија, распоредени во повеќе специјалности.

Тие се ангажирани во области како кардиологија, анестезиологија и интензивна медицина, неврологија, психијатрија, пулмологија и интерна медицина. Како дел од интернационален тим во кој работат лекари од над 50 држави, македонските медицинари се интегрирани во сложени клинички процеси и секојдневна работа со високо ниво на одговорност.
Присуството на македонски лекари во ваква реномирана клиника се оценува како потврда за квалитетот на медицинскиот кадар што потекнува од Македонија. Тие се школувани во домашниот образовен систем, а својата професионална надградба и работа ја продолжиле во една од најразвиените европски здравствени средини.
Иако заминувањето на медицински кадар кон Западна Европа претставува предизвик за домашното здравство, овој пример истовремено ја нагласува стручноста и конкурентноста на македонските лекари на меѓународно ниво.

