Кажа дека живее скромно и достоинствено со пензија од 420 евра, како и многумина од неговата публика, и дека не му е потребна никаква финансиска помош, откако лани беше започната иницијатива на социјалните мрежи, да се организира хуманитарен концерт за да му се помогне материјално.
Мишо Ковач, еден од најголемите пејачи на просторите на поранешна Југославија и најпродаваниот изведувач во Хрватска и Југославија, денес полни 85 години. Живее повлечен живот во Строжанац заедно со неговата трета сопруга Лидија со која е во брак од 2002 година, и за која вели дека го спасила во времето кога му било најтешко и кога минувал низ пекол поради смртта на неговиот син.
-Никогаш ниту сум барал, ниту пак би дозволил да се собира било каква помош за мене. Тоа го знаат сите кои добро ме познаваат. Со Лидија, жената која ме спаси и која ми е најголема поддршка, имаме нормален и мирен живот. Таа ме подигна на нозе во време кога бев полулуд поради смртта на синот, мене и на ќерката Ивана ни помогна кога тоа најмногу ни требаше. Среќни сме што сме заедно, изјави тој за Јутарњи.Хр минатата година.
Ковач започнал да настапува првин во градски кафеани, а потоа и во барови во Шибеник. Раскажуваше дека иако немал пари, не барал да биде платен за настапите, само сакал да пее. Среќата му се насмевнала кога локалниот бенд ,,Магнети” барал нов пејач, и прифатил без многу размислување. Потоа настапил и победил на натпревар за млади таленти во Карловац, а во 1964 година Југотон ја објавил неговата прва песна. Секоја наредна песна се продавала во повеќе примероци, и по пет години тој веќе станал најпродаваниот пејач на забавна музика во Југославија.
Минатата година хрватските медиуми објавија дека ќе снима филм за неговиот живот, но проектот се уште не е реализиран, неофицијално, поради финансиски причини.

