Видео на кое група на Роми викаат по членови на обезбедувањето пред приватен базен во Неготино, и обвинуваат дека се дискриминирани бидејќи не биле пуштени внатре, вчера ги преплави социјалните мрежи и предизвика лавина на коментари и полемики. Истото го објави и штипската телевизија М Нет, со објаснување дека се работи за лица од Радовиш. Сепак, како што појаснува лице од обезбедувањето на базенот за ВИКИМЕДИА, приказната имала сосема друга позадина, а на групата на луѓе не им бил дозволен влез поради претходни лоши искуства со посетителите.

-Се најдов на линч и неправедни обвинувања, иако никаде не беше кажана целата вистина за настанот во Неготино. И јас сум Муслиман, и во целата оваа приказна нема место за никаква верска, национална или било каква дискриминација, туку станува збор за кодекс на однесување, кој неколку групи на Роми кои доаѓаат од други градови, воопшто не го почитуваат. Токму поради тоа, не беше дозволен влез, и цели 15 минути се обидував тоа да им го појаснам со убави зборови, пред да почнат да викаат и да ме снимаат. Ќе потсетам дека на базенот имаме редовни посетители кои се Роми од Неготино и Кавадарци и не се случило да има било каков проблем со нив, се работи за културни луѓе кое секогаш се добредојдени. Но, овде стануваше збор за група со проблематично однесување.
Веќе подолг период доаѓаат неколку групи од Радовиш, Штип, Струмица… пристигнуваат со комбиња или повеќе автомобили, ќе се напијат и започнуваат со дофрлање кон гостите, со викање, туркање… Имавме случај, се опиле, па му досадуваа на девојче, го удриле по задникот, и на крај дури налетаа да се тепаат со обезбедувањето кога им беше кажано да си одат.
Друг голем проблем на кој се жалат посетителите е и тоа што редовно овие групи влегуваат во водата со облека, со маици, пантолони, не ги почитуваат основните правила. Значи, тоа дали се Роми или не, воопшто не е од значење во целиот случај, туку непристојното однесување е проблем, вели нашиот соговорник, чиј идентитет не го објавуваме, бидејќи веќе добил голем број на повици по објавата на видеото вчера. Како што вели, додека на една видео снимка му е замаглен ликот, друга која била актуелна на социјалните мрежи била објавена без заштита.
И други граѓани за ВИКИМЕДИА велат дека посведочиле на проблематичното однесување на неколку групи кои од страна доаѓаат на базенот. Раскажуваат за влегување во водата со облека, за опивање и дофрлање кон останатите посетители, за надвикување… Посебно реагираат граѓани кои одат на базен со своите деца со цел да имаат мирен семеен ден. За нашиот соговорник, кој околу 15 години работи како обезбедување во градот, имаат само убави зборови и го опишуваат како добро и чесно момче, кое вчера неправедно беше ставено на јавен линч.
В.К.

