Хрватската полиција уапси 55-годишен бугарски државјанин осомничен дека поставувал уреди за нелегално снимање на податоци од банкарски картички на банкомати во историското јадро на Дубровник.
Според информациите од истрагата, осомничениот на банкоматите поставувал таканаречени „скимери“ – специјални уреди кои ги читаат и снимаат податоците од платежните картички, како и скриени камери или друга опрема за снимање на ПИН-кодовите што ги внесувале корисниците.
Полицијата наведува дека уредите ги изработувал и приспособувал во изнајмен апартман, а потоа ги монтирал на банкомати во стариот дел на градот. При претресот биле пронајдени десетици предмети поврзани со ваков вид измама, меѓу кои скимери, минијатурни камери, електронска опрема и алат.
Истражителите сметаат дека целта била незаконски да се приберат податоците од банкарските картички, кои подоцна можат да се злоупотребат за изработка на дупликат-картички или за неовластени финансиски трансакции.
Против бугарскиот државјанин е поднесена кривична пријава за изработка и поседување средства наменети за злоупотреба на безготовински платежни инструменти, како и за оштетување туѓ имот, а по завршувањето на криминалистичката истрага му е одреден притвор.
БУГАРИН ПОСТАВУВАЛ КАМЕРИ НА БАНКОМАТИ И ГИ СНИМАЛ ПОДАТОЦИТЕ ОД КАРТИЧКИТЕ ВО ДУБРОВНИК
1 Min Read

