Филип Михајлиќ (27), хрватскиот бизнисмен кој беше во центарот на аферата со наводно фалсификувани КОВИД тестови, почина во странство, објавија хрватските медиуми. Станува збор за млад човек кој во јавноста стана познат по милионскиот бизнис во време на пандемијата, а подоцна и по истрагата поврзана со продажба на неоригинални тестови за коронавирус.
Михајлиќ, познат и како „Кoрона Кид“, беше под истрага заедно со неговиот татко Анѓелко Михајлиќ. Обвинителството ги товареше дека организирале производство и продажба на повеќе од милион тестови кои, според наводите, биле претставувани како оригинални медицински производи, при што била остварена противправна имотна корист од стотици илјади евра.

Приказната за Михајлиќ привлече големо внимание во јавноста бидејќи од млад претприемач кој се претставуваше како успешен бизнисмен, тој стана главен лик во една од најголемите афери поврзани со пандемијата во Хрватска. Во периодот кога побарувачката за КОВИД тестови беше огромна, неговата компанија остварила значителен раст, а подоцна се отвори истрага за сомнежи околу потеклото и автентичноста на дел од производите. Тој беше познат по објавите со луксуз и по возењето на едни од најскапите автомобили во Хрватска.
Според последните информации, неговото тело се наоѓа во Доминиканската Република, додека хрватските власти сè уште немале официјална потврда за смртта во моментот на објавување на информацијата.
Смртта на Михајлиќ ја затвора животната приказна на млад човек кој за кратко време од анонимност стигна до насловните страници – прво како симбол на брз финансиски успех, а потоа како централна фигура во аферата која ја потресе Хрватска.

