По помалку од месец дена од смртта на неговиот син Петар, почина Наум Бурназ (86), доајенот на македонската песна, кој го посвети својот живот на музиката. Тој долги години беше дел од ансамблот на македонската опера од каде што замина во пензија, а останува запаметен по својата изведба на охридските староградски песни, како и по неговите песни, помеѓу кои најпознати се ,,Бор садила мома Евгенија,,, „1762 лето“ (Песна за патрикот) по текст на Григор Прличев, и други.
-Ти беше мојот идол. Поради тебе ја избрав музиката и пеењето и тргнав по тој пат. Никогаш нема да ги заборавам сите наши прекрасни спомени, макотрпната работа пред настапите и твоите совети, кои секогаш ми беа најважни. Неизмерно сум среќна и горда што имав таков прекрасен дедо. Нѐ напушти и ти, за да бидеш повторно заедно со нашиот најмил и непрежален татко, објави неговата внука Мирјана Бурназ Кремшо, која продолжи по неговите стапки, и откако дипломираше соло пеење во Скопје, таа ги продолжи своите уметнички усовршувања во Германија каде што се стекна со титулата магистер по отсек пеење.
Во текот на својот живот Наум Бурназ и подари на јавноста безброј прекрасни безвременски интерпретации, а за својот долгогодишен придонес и афирмација на културата, тој беше одликуван со статуетка и клуч на Општина Кисела Вода за трајни вредности.

