Директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, по невремето што завчера го зафати Скопје и предизвика материјални штети, упати порака до јавноста во која истакна дека природните непогоди најдобро ја покажуваат издржливоста на објектите и состојбата на дрвјата.
Според Ангелов, природата е „најголем контролор“ на сè што е изградено од човекот, бидејќи без исклучоци и компромиси ги открива слабостите на објектите кои не се изградени во согласност со законските прописи и техничките стандарди.
Тој апелираше до сите учесници во процесот на проектирање и изградба да ги почитуваат предвидените норми, нагласувајќи дека никој не може да предвиди кога повторно ќе има временски непогоди што ќе ја тестираат безбедноста и квалитетот на изведбата.
Во својата порака Ангелов се осврна и на прашањето за отстранување на стари и нестабилни дрвја. Тој оцени дека при донесувањето одлуки треба да се води сметка пред сè за безбедноста на граѓаните и имотот и повика да се намали јавниот притисок во случаи кога, врз основа на стручни проценки, е неопходно да се отстрани дрво што претставува потенцијална опасност.
Пораката Ангелов ја заврши со пораката: „Сејфти фрст!“ („Безбедноста на прво место“).

