Повеќе од шест децении по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година, Скопје останува светски симбол на солидарноста, надежта и заедништвото, порача премиерот Христијан Мицкоски по повод одбележувањето на годишнината од трагедијата.
Во својата порака, Мицкоски истакна дека денешниот ден е посветен на сеќавањето на жртвите од земјотресот, но и на почитта кон сите кои придонеле Скопје повторно да се издигне. Тој нагласи дека трагедијата оставила длабока болка, но во исто време ја покажала силата на човечката солидарност.
„Солидарноста што тогаш ја покажаа граѓаните и помошта што пристигна од целиот свет засекогаш го вградија Скопје меѓу градовите што ја претворија трагедијата во симбол на надеж, достоинство и заедништво“, истакна премиерот.
Според него, токму тоа наследство претставува обврска за сегашните и идните генерации да продолжат да градат посилна, побезбедна и поразвиена држава, во која животот, безбедноста и благосостојбата на граѓаните ќе бидат највисок приоритет.
Мицкоски оддаде почит на сите кои ги загубија животите во катастрофалниот земјотрес, нагласувајќи дека нивниот спомен останува трајно врежан во колективната меморија.
„Нека е вечен споменот на сите што ги загубија животите. Скопје памети. Македонија не заборава“, порача премиерот Христијан Мицкоски.
63 ГОДИНИ ОД ЗЕМЈОТРЕСОТ: МИЦКОСКИ ПОРАЧА ДЕКА СКОПЈЕ ОСТАНУВА СИМБОЛ НА СОЛИДАРНОСТА
1 Min Read

