Светски познатиот турски диџеј и музички продуцент Махмут Орхан синоќа приреди вистински спектакл на стадионот „Билјанини Извори“ во Охрид, каде илјадници посетители уживаа во неговите најголеми хитови и атрактивната сценска продукција. Сепак, додека публиката ја славеше музиката, дел од охриѓани се пожалија на прегласната бучава, поради што до Секторот за внатрешни работи – Охрид биле поднесени повеќе пријави. Во домот на еден од пријавителите, било извршено и мерење на бучава.
Орхан, кој важи за една од најголемите светски ѕвезди на електронската музичка сцена, е автор на хитови што бројат стотици милиони прегледи и слушања на музичките платформи. Неговиот препознатлив музички стил му обезбедува настапи на најголемите фестивали и во најпознатите клубови ширум светот.
Еден од највпечатливите моменти на концертот беше кога Махмут Орхан на сцената развеа македонско знаме, што беше поздравено со силен аплауз и воодушевување од присутните.
За ВИКИМЕДИА, од СВР Охрид изјавија дека биле примени неколку пријави од граѓани поради гласната музика, а еден од пријавителите се согласил полициски службеници да извршат мерење на бучавата од неговиот дом.
„На 26.07.2025 во 01:00 часот во СВР Охрид е пријавено дека од концерт во спортски центар во Охрид се слуша гласна музика која го нарушува јавниот ред и мир. Полициски службеници извршиле мерење на јачина на бучава со фонометар, при што било констатирано дека ја надминува дозволената јачина, односно утврдиле гласност од 77 децибели, а дозволената граница изнесува 35 децибели. По целосно документирање на настанот, ќе следува соодветен поднесок“, соопштија од СВР Охрид.
Според информациите што СВР Охрид ги сподели со ВИКИМЕДИА, измерените 77 децибели биле регистрирани токму од домот на еден од пријавителите кој дозволил да се изврши мерењето.
Случајот предизвика различни реакции во јавноста и на социјалните мрежи. Дел од граѓаните сметаат дека во екот на туристичката сезона, кога Охрид е домаќин на бројни концерти и забавни настани, ваквите пријави се неоправдани и дека одредено ниво на бучава е неизбежно. Други, пак, посочуваат дека без оглед на сезоната и видот на настанот, организаторите се должни да ги почитуваат законските ограничувања за бучава и правото на жителите на мирен одмор.
МАХМУТ ОРХАН ПРИРЕДИ СПЕКТАКЛ ВО ОХРИД, А ОХРИЃАНЕЦ ПОВИКАЛ ПОЛИЦИЈА ДА МЕРИ БУЧАВА ВО НЕГОВИОТ ДОМ
2 Mins Read

