Премиерот Христијан Мицкоски најави дека од август се очекува да почне да функционира линијата „Пријави корупција“, преку која граѓаните ќе можат да пријавуваат случаи во кои им било побарано мито или се соочиле со корупција во државните и општинските институции.
Како што рече во интервју за подкастот „Риштази“, проектот ќе се реализира во соработка со Министерството за внатрешни работи и една реномирана меѓународна невладина организација, која ќе го води процесот на прием на пријавите.
„Штом луѓето изградиле таква перцепција, тоа значи дека немаат доверба во институциите. Ако пријавиш корупција, тогаш ние ќе можеме да делуваме, но ако молчиш и не пријавуваш, тогаш не можеме да дејствуваме“, изјави Мицкоски.
Тој најави дека во сите државни и општински институции ќе бидат поставени натписи и налепници со информации за линијата за пријавување корупција, со цел граѓаните полесно да можат да ги пријавуваат ваквите случаи.
Мицкоски посочи дека Владата се одлучила на овој чекор поради, како што рече, ниската доверба на граѓаните во институциите. Притоа се повика на анкета, според која околу 80 проценти од испитаниците сметаат дека има корупција, додека значително помал број изјавиле дека лично биле предмет на корупција или познаваат некој што бил.
Според премиерот, борбата против корупцијата не зависи само од реформите, туку и од активното учество на граѓаните преку пријавување на незаконските дејствија, со што институциите ќе можат поефикасно да постапуваат.
ГРАЃАНИТЕ СО ЕДЕН ПОВИК ЌЕ МОЖАТ ДА ПРИЈАВАТ КОРУПЦИЈА: СЕ ОТВОРА ЛИНИЈА ЗА ПРИЈАВИ
2 Mins Read

