Заминувањето на легендарниот актер Гоце Тодоровски, на 75-годишна возраст, го врати споменот за неговото долгогодишно пријатство со неговиот колега Ванчо Петрушевски – актерот кој јавноста го сакаше по неговите незаборавни улоги.
Познат како Ванчо Петрушевски, а роден како Иван, тој беше еден од најомилените македонски актери. Роден на 19 април 1951 година, зад себе остави огромен опус – улоги во телевизиски серии, драми, филмови, радио проекти и театарски претстави. Неговиот живот трагично заврши пред осум години, по несреќа во неговата викендичка во Орешани.
Но, освен по актерските достигнувања, Ванчо ќе остане запаметен и по луѓето кои ги носеше во своето срце. Меѓу нив посебно место имаше Гоце Тодоровски. Нивното пријателство траеше повеќе од пет децении – пријателство создадено уште во детството, пред сцените, камерите и славата.
Тодоровски своевремено раскажуваше дека со Ванчо се дружеле цели 54 години и дека токму Петрушевски бил причината поради која се запишал на Факултетот за драмски уметности. Наместо да стане градежен инженер, Гоце го избрал актерството – пат кој му донесе голема љубов од публиката.
„Ванчо Петрушевски ни беше како Ален Делон во друштво. Девојките многу го сакаа. Ние останатите се влечевме по него“, раскажуваше Тодоровски за својот другар од детството.
Заедно растеле, заедно правеле училишни претстави, заедно сонувале за сцената. Од детските игри до големите улоги – нивната приказна беше повеќе од колегијална. Беше приказна за искрено другарство, почит и блискост која траеше низ целиот живот.
Ванчо Петрушевски зад себе ги остави сопругата Лидија и синот Марко, но и генерации гледачи кои ќе ги паметат неговите улоги во „Македонски народни приказни“, „Хихирику“, „Ангели на отпад“, „Трст виа Скопје“, „Среќна Нова ’49“, „Трето доба“, „Диво месо“, „Грев или Шприцер“, „Солунски патрдии“, „Опстанок“ и „Пресуда“. Во многу од театарските и телевизиски остварувања ја делеа сцената со Гоце.
Со заминувањето на Гоце Тодоровски, македонската сцена загуби уште еден великан. Остана нивната уметност, нивните ликови и една ретка човечка приказна – за две момчиња кои започнале со детски претстави, а завршиле како едни од најсаканите актери во историјата на македонската сцена.

