Веќе трет ден трае потрагата по 16-годишната Теодора Б. која во четвртокот потонала во реката Вардар, во близина на село Уланци, Градско.
Девојчето заедно со уште едно женско лице влегло во водата да се разлади, по што било одвлечено по течението.
Мајката на Теодора, Верица, јавно се огласи по повод настанот и во очај побара помош од јавноста.
-Очајно си ја барам ќерката Теодора Б., која завчера се удави во водите на Вардар, Уланци, кај Градско. Сите институции се известени, потрагата се уште трае, даваат се од себе да ја најдат, но уште се води како исчезната!
Ги молам сите рибари, земјоделци, овчари…кои минуваат покрај течението на Вардар, од делот кај Градско, па се до Гевгелија, да обратат внимание, и доколку забележат нешто, веднаш да се јават во полиција! Секоја информација е од помош.
Теодора беше облечена во розов дводелен костим за капење, има црна коса.
Ве молам, споделувајте, што побргу да ми се најде детето, објави мајката.
Жители на локалното население пак, велат дека отсекогаш било познато дека Вардар е опасна река, која лесно може да повлече човек. Појаснуваат дека има премногу вртлози, а тињата на дното била дополнителен проблем.
СВР Велес за Викимедиа потврди дека и денес потрагата е во тек, но се уште не е пронајдено девојчето.
Како потсетување, на 24.07.2025 околу 16.30 часот во СВР Велес било пријавено дека К.П.(29) од Скопје, со привремен престој во с.Уланци, општина Градско и 16-годишно девојче од с.Уланци, додека се капеле во водите на реката Вардар во близина на село Уланци, малолетничката била одвлечена по течението на реката. К.П. неколку пати се обидела да ја извлече, но не успеала.
Веднаш по пријавата, полициски службеници од СВР Велес во координација со САЕ Тигар, Единицата за специјални намени Волци на Армијата, припадници на Дирекцијата за заштита и спасување, Територијалната противпожарна единица и кајакари од кајакарски клуб од Велес започнале потрага за пронаоѓање на девојчето.
Вики Клинчарова

