Вчера (петок) во 19.05 часот на булевар „Маршал Тито“ во Неготино, од страна на полициски службеници од ОВР Неготино од слобода е лишен А.С. (21) од Неготино, затоа што при радарска контрола било утврдено дека управувал патничко возило „бмв“ со неготински регистарски таблици, со брзина од 106 км/ч на место каде што со сообраќаен знак брзината е ограничена на 50 км/ч во населено место, информираат од СВР Велес.
Додаваат дека исто така, при извршеното алкотестирање утврдено било дека момчето имало 0.78 промили алкохол во крвта.
-По целосно документирање на случајот, ќе биде поднесена кривична пријава по член 297-а од Кривичниот законик „безобѕирно управување со моторно возило“, соопштија од СВР Велес.
Брзото возење на главната улица Маршал Тито во Неготино е долгогодишен проблем за граѓаните, посебно во тек на ноќ. Со години наназад се апелира за поставување на успорувачи на брзини на повеќе локации, со цел да се зголеми безбедноста на учесниците во сообраќајот.
Досега, по речиси дваесет-годишни апели, беа поставени успорувачи на брзина само на три локации на оваа улица, и тоа пред основно училиште, пред библиотека, каде во минатото се случија голем број на сообраќајки, како и пред музичко училиште.
Се бара и соодветно одбележување на пешачките премини со квалитетна боја, затоа што пракса е само неколку месеци по префарбувањето, бојата целосно да избледи. Граѓаните апелираат и за светлосно означување на пешачките премини, за поголема безбедност за пешаците. Долг период во градот се најавува и изградба на кружен тек кај раскрсницата во центарот, како и кај излезот кон Кавадарци, но засега единствениот кружен тек беше изграден пред околу четири години, и се наоѓа во близина на Полициската станица на Неготино.
В.К.

