Скопје денес одбележува 62 години од катастрофалниот земјотрес, во кој животот го загубија 1.070 лица, а околу 3.000 беа повредени. Голем број на скопјани кои успеале да преживаат, се уште имаат свежи сеќавања за денот кој им ги променил животите. Помеѓу нив е и композиторот, диригент и инструменталист Љупчо Мирковски, кој за Викимедиа раскажува дека останал жив благодарение на неговата братучеда, фолк дивата Виолета Томовска, која со голи раце околу осум часа копала под урнатините, за тие двајцата да се спасат.
-Со Виолета често се сеќаваме на тие моменти, кои ги променија нашите животи. Жив сум благодарение на неа и на нејзината храброст и упорност да не извлече од урнатините.
Кога се случи земјотресот, јас бев мал, имав пет години, таа беше околу 18 години. По потекло од Битола, учеше средно училиште во Скопје, и дента пред земјотресот дојде кај нас. Ние живеевме во зграда наспроти стариот театар, кај дрвениот мост.
Виолета ми беше и остана да ми биде како сестра, и бидејќи отсекогаш многу ја сакав, вечерта кога дојде, посакав да спијам во нејзиниот кревет. Кога се случи земјотресот, бев покрај неа. Нашата зграда се урна, имаше многу жртви, а многумина останаа затрупани под урнатините.
Тоа се мигови кои вечно се врежуваат во сеќавање. Ние двајцата останавме затрупани околу осум часа, а Виолета со голи раце започна да копа по урнатините. Сакавме да дојдеме до светлост, да можеме да повикаме помош. Благодарение на нејзината упорност успеавме, и луѓето конечно ги слушнаа нашите повици за помош. Дојдоа, направија дупка, не спасија…
Немавме тешки повреди, блиските беа пресреќни што не гледаат живи, раскажува композиторот.
Додава дека сепак, неговото семејство доживеало голема загуба, бидејќи во земјотресот загинале неговата вујна, но и вујко му, оперскиот пејач Благој Петров Караѓуле.
-Со Виолета неодамна се собравме, го прославивме незиниот 80-ти роденден. Тоа што заедно го поминавме, никогаш не се заборава, и уште повеќе не зближи во животот. Никогаш нема да се заборави, но и никогаш да не се повтори, вели композиторот, кој ни достави фотографија на која позираат неколку генерации од нивната фамилија, тој, Виолета, брат и, неговата сестра Будимка и внуката Срна.
Вики Клинчарова