Во тек на денешнот ден Македонија ќе добие меѓународна помош за справување со пожарите, и како што соопшти првиот човек на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, ќе пристигнат 50 професионални пожарникари, придружени со специјализирани возила за гасење шумски пожари и хеликоптер од типот „Блекхок“ од Република Чешка.
Јавноста се сеќава дека во земјава и пред четири години, за време на големиот пожар во Малешевијата, голем број на пожарникари од Словенија и Австрија помагаа во гасењето. Помеѓу нив беше и младиот доброволец Жан Кофол, кој дојде од Словенија и остана запамтен како еден од најактивните во гасењето на пожарите.
Но, само еден месец по враќањето од доброволната мисија во Малешевијата, на 28-ми септември 2021 година, тој го загубил животот во сообраќајна несреќа во близина на Нова Горица, еден ден по неговиот 20-ти роденден.
На неговите родители Марушка и Вили им раскажал многу убави приказни за луѓето во Македонија, и велел дека еден ден пак ќе дојде во Берово, за да се види со сите оние со кои заедно ги гаселе пожарите, па затоа една година по неговата смрт, неговите мајка и татко одлучиле да дојдат во Берово, во чест на нивниот син.
Заедно со пријатели тие го посетија Берово во 2022 година, за да некој начин му ја исполнат желбата на синот, кој многу посакувал да се врати во Малешевијата.
Откако во Берово се проширила веста дека ќе дојдат родителите на Жан, беровскиот градоначалник Звонко Пекевски и Советот на општината донеле одлука да именуваат новоизградена улица по името на храбриот пожарникар.
Родителите заедно со градоначалникот ја пуштија улицата во употреба, а на платното кое го спуштаа кога ја отворија улицата, пишуваше – Улица на пријателството, во знак на вечната поврзаност помеѓу Берово и Словенија. Тие исто така, добиле на подарок и слика со ликот на Жан, испреплетена со мотиви од Берово, дело на беровски уметник.
Една година подоцна пак, делегација од Општина Берово го посети неговиот гроб во Нова Горица во Словенија.
Инаку, пожарот на планината Голем Готен и Малешевските планини е активен со денови, а се очекува пожарникарите кои ќе пристигнат денес од Словенија, да помогнат во негово гасење.
Вики Клинчарова

