Екипи на ЈП Комуналец Неготино утринава го чистеа речното корито на почетокот на градскиот кеј во градот, место каде најчесто се собираат наноси од земја и ѓубре, што во минатото беше причина за време на дождови да се насобере вода и да се поплават околните објекти.
Сликата на вработените кои го средуваат овој дел од кејот, наиде на поздрав од граѓаните кои живеат во централното подрачје на Неготино, и од оние кои имаат деловни објекти во близина.
Потсетуваат дека во минатото редовно упатувале поплаки до локалните власти и алармирале дека овој див ,,остров” од ѓубре и земја, освен што е потенцијален извор на зарази поради несносната миризба која се шири од таму, по секој пообилен летен дожд предизвикува и поплавување наоколу. Бројни видео снимки и фотографии сведочеа за автомобилите полни со тиња, како и за поплавени подруми и деловни објекти. По децениски апели, овој ,,остров” за првпат беше отстранет со багер и останата механизација пред повеќе од три години, кога на чело на ЈП Комуналец дојде Митко Ѓорѓиев.
Денес, по чистењето на речното корито, директорот Ѓорѓиев за Викимедиа вели дека откако е на функција, ова било 17-ти пат да се чисти овој дел на кејот.
-Долги години укажувавме на проблемот, алармиравме дека големиот нанос на кејот е причина овде да се собира вода за време на секој посилен дожд, и деловните објекти ни се полнеа со тиња. Задоволни сме што изминативе години редовно се чисти наносот на почетокот на кејот, бидејќи откако се посвети внимание на овој проблем, се нема случено при пообилен летен дожд, кога овде надоаѓа и вода од градскиот плоштад, да бидеме поплавени. Несфатливо ни како никој од претходните раководства не обрати внимание на овој децениски проблем, на кој со години укажувавме, а кој се решава со само неколку часа работа, раскажуваат неготинци кои имаат објекти во тој дел, како и жители на околните згради, кои ја пофалија ажурноста на екипите на ЈП Комуналец.
Додаваат дека со поставување на сливници долж коловозот на улицата ,,Маршал Тито” во овој дел на градот, во уште поголема мера би се решил проблемот со водата која надоаѓа за време на дождовите.
Вики Клинчарова

