Денес во Берово се одржа координативен состанок на Општинскиот штаб за заштита и спасување, на кој учествуваше директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, заедно со директорот на Дирекцијата за заштита и спасување, Стојанче Ангелов, и градоначалникот на Општина Берово, Звонко Пекевски.
Од Центарот за управување со кризи информираат дека состанокот се одржал во присуство на претставници од силите на Република Словенија, ангажирани преку активацијата на Механизмот за цивилна заштита на Европската унија, како поддршка во справувањето со пожарите во беровскиот регион.
-На состанокот беше направена проценка на актуелната состојба со пожарите, со акцент на предизвиците како променливиот ветер, непристапниот терен и ризикот од реактивирање на стари жаришта.
Договорени се конкретни активности за гаснење на пожарите во текот на денешниот и утрешниот ден, со ангажман на домашни и меѓународни тимови, механизација и воздухопловна поддршка.
Вклученоста на партнерските тимови од Република Словенија и поддршката од Европската унија претставуваат клучен придонес во справувањето со кризата и во заштитата на населението и животната средина, истакнаа од ЦУК.
Според последните информации, во земјава се активни четири пожари, и тоа во Општина Василево, Радовиш и Берово: с. Нивичино – планината Голем Готен и Малешевските планини, во Општина Прилеп: с. Бешиште, место викано Бешишки Рид (под контрола), друг крак према с. Градешница (Опш. Новаци) и трет крак кон границата со Р. Грција, во Општина Прилеп и Кавадарци: помеѓу селата Царевиќ, Смолани, Радобил и Дрен (Прилеп), и Галиште и Трстеник (Кавадарци) (мешана шума и ниска вегетација), и Општина Крушево: Градска депонија кај м.в. Струнга.
Пет пожари се ставени под контрола, а изгаснати биле четири.
Деск

