Украинската амбасадорка Ладиса Дир денес го посети летниот камп Михајлово, во близина на Кавадарци, каде летуваат 60 деца заедно девет наставници од Никополскиот реон, кој е тешко погоден од војната.
Летувањето на децата кои се на возраст од 11 до 17 години им го овозможи кавадаречкиот градоначалник Митко Јанчев преку неговата семејна компанија Кожувчанка, која е покровител на настанот, а амбасадорката денес за време на посетата му додели посебна благодарница за хуманиот гест.
Викимедиа пишуваше за големата група на украински деца кои со своите наставници пристигнаа во Михајлово на 16-ти јули, а ќе си заминат дома утре, на 31-ви јули.
Од Украинската амбасада ни изјавија дека се преблагодарни за хуманиот гест на Јанчев, кој на овие деца им овозможил за миг да заборават на тешкото секојдневие во нивната земја, и да уживаат во природните убавини на одморалиштето.
Од ПР службата на амбасадата истакнаа дека Јанчев организирал голем број на активности за децата, и дека летувањето било лек за нивните трауми, бидејќи реонот од каде доаѓаат, секојдневно бил бомбардиран и гранатиран, а многу од децата изгубиле членови на семејствата во војната.
Благодарницата која денес му беше доделена на Јанчев е за неговата активна поддршка на Украина, како и за овозможувањето на летувањето за украинските деца од Никополскиот реон.
Вики Клинчарова

