Поранешниот Претседател на Советот за унапредување и надзор на ревизијата на Република Северна Македонија (СУНРСМ), Ване Цветанов, против кого минатата недела Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција поднесе Обвинителен предлог за кривично дело – Злоупотреба на службена положба и овластување по чл.353 ст.5 вв ст.1 од Кривичен законик, е надвор од земјава.
За Викимедиа тој открива дека веста за обвинението ја слушнал во странство, каде веќе подолг период се наоѓал поради здравствени причини.
-Слушнав за Обвинителниот предлог на ОЈО, и веста до мене дојде во период кога не сум во земјава, односно додека сум на подолго лекување во странство.
Сакам да информирам дека ќе бидам на лекување до 20-ти август, а потоа ќе бидам достапен за јавноста, ни изјави Цветанов.
Според обвинението, тој се гони за самоволни вработувања на поранешната партнерка, моделот Дунавка Трифуновска, за незаконско набавување на услуги и стоки, односно за средства потрошени за ресторански услуги, изнајмување возила, хотелски сместувања, туристички услуги во земјава и странство и друго.
Исто така, според обвинението, со Дунавка оделе на службени патувања во странство, а трошоците за патување и сместување биле на товар на СУНРСМ.
Обвинението се однесува на периодот од 2021 година до 15-ти март 2022 година, и била нанесена значителна штета на буџетот на институцијата.
Вики Клинчарова

