Откако започнаа летните пожари кои опустошија големи површини во земјава, денес за првпат нема ниту еден активен пожар, информираат од Центарот за управување со кризи.
Во тек на последното деноноќие биле изгаснати 12 пожари, а под контрола бил ставен и големиот пожар во Берово, каде со денови интеревенираа големи екипи, борејќи се со огнената стихија. Таму, на планината Готен и Малешевските планини гореа бор, бука, смрека, нискостеблеста шума, грмушки и ниска вегетација.
Вчера во Беровско интервенираа 30 припадници од противпожарната единица на Словенија и хеликоптерот Black Hawk од Република Чешка, како и голем број на пожарникари дод Берово, доброволци, екипи од Национални шуми и специјализирани возила на Дирекцијата за заштита и спасување, и го ставија под контрола загрижувачкиот пожар.
Директорот на ЦУК, Мухамед Али, изјави дека состојбата со пожарите значајно се стабилизирала и упати благодарност до Република Чешка и Република Словенија, кои веднаш испратиле помош преку Механизмот за цивилна заштита на ЕУ за справување со пожарите.
Деск

