Српскиот хип-хоп пејач Стефан Ѓуриќ Раста (36) синоќа бил уапсен во Охрид, каде требаше да настапи пред познатата светска ѕвезда Џејсон Деруло. Како што дознаваме, тој бил затекнат од полициски службеници во шатор, во близина на сцената каде требало да настапи, како консумира наркотици, по што бил лишен од слобода.
Веста ги преплави домашните, но и српските медиуми, но не предизвика големо изненадување кај јавноста, бидејќи музичарот е познат по своето проблематично и контраверзно однесување. Иако повеќе медиуми објавија дека приведувањето се случило во хотел, сепак нашите извори откриваат дека станувало збор за шатор, пред кој Раста седел на маса, на која биле ,,распослани” наркотиците.
Од СВР Охрид за Викимедиа го потврдија настанот.
-На 03.08.2025 година во 00,10 часот, на спортски стадион во Охрид, полициски службеници од криминалистичката полиција при СВР Охрид, од слобода го лишија С.Ѓ.(36) од Белград, Република Србија кај кого, при извршен преглед, полициските службеници, пронајдоа и одзедоа опојна дрога Марихуана. Тој е задржан во полициска станица и по целосно документирање на настанот, против него ќе биде поднесена соодветна пријава, потврдија од полицијата.
Раста, кој и во минатото имаше судири со законите, потекнува од угледно семејство и неговите родители се познати професори во Белград. Неговиот татко Драго Ѓуриќ е професор на Филозофскиот факултет во Белград, и е автор на многу научни студии. Мајка му пак, Слаѓана Ѓуриќ, е професорка на Факултетот за безбедност во Белград. И таа е автор на бројни научни трудови и член на претседателството на Социолошкото друштво на Србија.
В.К.

