Десетте најдобри матуранти од делчевската гимназија заминаа на наградно патување во Малага, Шпанија, кое им било доделено како награда за постигнаните успеси во текот на образованието, извести делчевскиот градоначалник Горан Трајковски.
-Утрово, тие испратија фотографии и поздрави до делчевци, при што истакнаа дека максимално го искористуваат заслужениот одмор за дружење и забава и уживаат во убавините на Малага.
Малага, Шпанија е дестинацијата која ја одбраа најдобрите десет матуранти од СОУ „М.М.Брицо“ како награда од Општина Делчево за постигнатите одлични резултати во текот на средношколското образование, вели Трајковски.
Додава дека патувањето го организирал ДТУТ „АВИОТУРС ТРАВЕЛ СЕРВИС“ Скопје, а за оваа намена-наградно патување на десетте најдобри матуранти, Општина Делчево по спроведена јавна набавка издвоила од Буџетот 300.000 денари.
-Наградното патување низ Европа за најдобрите 10 матуранти од делчевската гимназија е традиционална награда и Општина Делчево ја доделува со цел мотивирање на средношколците за постигнување одлични резултати во образовниот процес, порача делчевскиот градоначалник.

