Одржувањето на традиционалниот Неготински панаѓур, манифестација која е еден вид на централен настан во Неготино со децении наназад, годинава е ставено под знак прашалник, поради најавените инфрастурктурни проекти во центарот на градот, односно поради изградба на нов градски плоштад и изградба на нов кружен тек на раскрсницата во центарот.
Како што информираат од кабинетот на градоначалникот д-р Горан Стојанов, изградбата би требало да започне по околу еден месец, и ќе траела во наредните четири до пет месеци.
Токму во тој период, односно од 21-ви септември започнува и тридневната манифестација Неготински панаѓур, кој се одржува на градскиот плоштад и во околните улици, што значи дека панаѓурот или ќе биде дислоциран, или пак годинава нема воопшто да се одржи.
Наредната недела ќе била донесена одлука, велат од општината, бидејќи сепак станувало збор за настан за кој е потребна поголема организација, како и обезбедување на голем простор каде евентуално би се поставиле бројните штандови.
-Граѓаните ќе ги имаат деталите околу панѓаурот наредната недела, кога ќе биде донесена одлука дали годинава ќе се одржи, поради најавените градежни работи во центарот. За манифестацијата Неготинска музичка вечер, таа дефинитивно ќе се одржи на 19-ти септември, а се прецизираат детали околу локацијата.
Како што е предвидено, изградбата на плоштадот би требало да започне по околу еден месец, но евентуално, датумот за почеток би можел да варира, во зависност од завршувањето на сите законски процедури поврзани со проектот, изјави градоначалникот.
Неготинскиот панаѓур, кој е стопанско-забавна манифестација, е настан по кој е препознатлив градот, и се смета дека е со најдолга традиција во земјава. Се одржува во чест на празникот Мала Богородица. Во градот доаѓаат трговци од цела земја, кои ги изложуваат своите производи на штандови, а може да се најде од игла до локомотива, бидејќи се продаваат текстилни производи, апарати за домаќинство, играчки за деца, козметика…
Доаѓаат и угостители од други градови кои поставуваат маси на плоштадот, каде се продава скара, а пак во локалите често гостуваат познати музички имиња.
Но, во изминатите неколку години, граѓаните се поделени околу одржувањето на настанот. Додека според едни не смее да се прекинува традицијата, и на панаѓурот единствено му недостига модернизација и евентуално нова локација, други сметаат дека манифестацијата треба да добие подруга форма, односно да се прекине традицијата со штандовите од кои најмногу профит имаат трговците од други градови, а настанот да добие насока со која ќе се промовираат традиционалните локални производи и ќе ја подобри локалната економија.

Инаку, реконструкцијата на плоштадот ќе изнесува околу 718.000 евра, а пак изградбата на кружниот тек ќе изнесува околу 580.000 евра. Откако ќе бидат завршени овие проекти, ќе се започне со реконструкција на тротоарите на улиците Маршал Тито и Партизанска, како и на улица Ленинова.
В.К.

