И по три дена од настапот во Гевгелија на безвременскиот рок бенд ,,Зијан”, впечатоците на јавноста не стивнуваат, а гевгеличани, од каде потекнува составот на групата, им порачаа на музичарите дека се желни за нивни настапи во живо и во иднина.

Концертот кој се одржа во рамките на манифестацијата „Гевгелија град на културата за 2025“ беше пријатно изненадување за јавноста, бидејќи иако ,,Зијан” е еден од беновите кој оставил голем печат на домашната рок сцена, сепак ретко може да се види на јавен настап.
Лани на седми ноември музичарите одржаа концерт во МКЦ, со кој одбележаа 42 години на сцената во ист состав, и тоа беше нивни настап во Младински културен центар по цели триесет години од последното тамошно гостување.
Еуфоријата која беше предизвикана со нивниот скопски концерт набргу беше засенета од ненадејната смрт на нивниот клавијатурист Ристе Ќорнаков, кој почина на 61-годишна возраст. Настанот отвори прашања дали бендот повторно ќе застане на сцената, бидејќи цела армија од нивни обожаватели се надеваа на повторно сценско активирање на овој култен состав, кој важи за дијамант на македонскиот поп-рок.
Со концертот во Гевгелија, пораката до ,,Зијан” повторно беше пренесена. Нивните дела се без рок на траење, а публика од сите генерации е желна да ги слуша.

Инаку, на сцената во нивниот матичен град се појавија членовите Ацо Митров (гитара и вокал), Коце Динев (гитара), Ане Динев (тапани), Кирил Зарлинов (клавијатури), Антонио Какров (гитара).
Приказната на бендот пак, започна кон крајот на седумдесеттите години на минатиот век, под името ,,Трета смена” кое набргу го променија во ,,Зијан”.
По бројните настапи во поранешни Југословенски републики во осумдесеттите години, на бендот му се предвидуваше освојување на југословенската рок сцена.

Сепак, својот прв албум ,,Низводно” го снимија дури во 1991 година, откако започна распадот на Југославија, а беше издаден од страна на Музичкото касетна продукција на МРТ.
Со антологиските песни поставија нови стандарди кога е македонскиот рок во прашање.
В.К.

