За енигматични ознаки на најстарите желки на Голем Град известува Македонското еколошко друштво (МЕД), кое е по потрага по одговори околу тоа како настанале ознаките, и бара помош од јавноста.
-Дали знаете нешто повеќе за овој феномен? Прочитајте подолу и пријавете ни за било какви ознаки на желки кои можеби сте ги забележале во Преспа или околината.
Островот Голем Град во Преспанското Езеро претставува уникатен природен амбиент за територијата на нашата држава, каде мноштво живи видови и нивните живеалишта се проткаени со траги од некогашното човечко присуство во милениумите што одминале. Меѓу највпечатливите активни жители на островот несомнено се вбројуваат и шумските желки, кои поради изолираноста имаат развиено уникатни адаптации во нивното однесување и начин на живот – што пак од своја страна го привлекува вниманието на светската научна јавност.
При нашите редовни теренски истражувања на оваа популација, забележуваме дека најстарите желки на островот имаат врежани бројчени ознаки на долниот дел од оклопот познат како пластрон. Се чини дека овие ознаки укажуваат на некаков начин на броење или идентификација, но не одговараат на ниеден современ метод што го применуваат биолозите што со децении вршат популациски истражувања во регионот, известуваат од друштвото, кое е формирано во далечната 1972 година, и чија цел е обединување на еколозите од Македонија, развој на екологијата и поефикасно решавање на проблемите во животната средина.
Додаваат дека досегашните обиди да се открие потеклото на овие ознаки преку разговор со локални жители и консултации со колеги не дале конкретни одговори, па затоа бараат помош од јавноста.
-Врежаните бројки не делуваат како скорешни и веројатно датираат одамна (барем 30, но можеби и повеќе од 50 до 70 години). Останува мистеријата дали се работи за некаква порана научна дејност или пак неформално следење на големградската популација на желки од биолози-аматери или други лица?
Во секој случај, тие сведочат за долготрајната (па дури и историска) фасцинација на луѓето спрема дивиот свет на островот. Голем Град ја има една од најгустите и најнеобични популации на шумски желки во светот, која за жал денес се соочува со големи предизвици за опстанок – пред сѐ поради нерамномерниот полов сооднос меѓу единките, надополнето со растечките негативни влијанија на климатските промени.
Само преку здружени научни истражувања, базирани врз јасно утврдена методологија, би можеле да се утврдат евентуални мерки за спас на шумските желки и останатите живи видови на овој навистина посебен остров во срцето на Преспа, соопштија од друштвото.
Доколку некој има детали за оваа мистерија, може да се обрати на страницата на друштвото, каде се истакнати телефонските броеви за контакт.
Деск

