Идејата за песната ,,Пазарџии” дојде од три страни, за Викимедиа раскажува познатиот композитор Ристо Вешков, кој по потекло е од Кавадарци, а со децении наназад живее во Америка, и кој заедно со екипа составена од познати, урбани ликови, создале песна која премиерно ќе биде отпеана на кумановскиот фестивал за хумористични мелодии ,,Тумба Фест”.
Љупчо Бубо Каров, Раде Рогожаров, Амигоси и Ристе Тушевски се дел од екипата која стои зад ,,Пазарџии”, а која ќе биде изведена на 21-ви август на фестивалот во Куманово. Иако на настанот се изведуваат песни со кумановски дијалект, во случајов бил направен исклучок, и Рогожаров ќе пеел на кавадаречки дијалект.
-Пред околу три години директорот на ,,Тумба Фест”, Драган Јаким ми се јави и ме праша дали ќе сакам да направам една песна за ,,Тумба фест”. Му се заблагодарив за поканата, ама му реков дека не сум правел хумористични песни, какви што се бараат на ,,Тумба фест”, а покрај тоа, не можам да пишувам на кумановски дијалект, бидејќи потекнувам од Кавадарци. Но, тој ми рече, напиши ја тогаш на кавадаречки дијалект.
И, на тоа остана работата.
Потоа, за време на фестивалите се запознав со маестро Ристе Тушевски и Јадранка, и се спријателивме. Еден ден Ристе ми рече дека сака да му напишам текст за песна, а тој ќе направел музика и аранжман, но и таа работа на тоа остана.
Исто така, на секој пазар во Кавадарци, најголемиот пазарџија Зоран Еленов со неговиот силен глас секогаш ми викаше, ајде Ристо напиши една песна за нас пазарџиите.
Сето ова ми се собра во едно и напишав нешто, и му го пратив текстот на Ристе Тушевски, на кого многу му се допадна напишаното.
Но, му реков, ова е само идеја, и со Бубо Каров-Цацко, кој исто така е наш, кавадарчанец, ќе ја довршиме песната заедно. Ристе ме праша кој ќе ја пее, а јас му реков дека кога ја пишував, размислував дека најубаво ќе ја испее оваа песна Раде Рогожаров. Тој стапи во контакт со Раде, а Раде се согласи да ја пее без двоумење, раскажува композиторот Вешков.
Додава дека Ристе Тушевски ги направил музиката и аранжманот мајсторски, професионално, се според ноти за секој инструмент, и тогаш со Бубо ги довршиле стиховите песната.
-Песната се снима во студиото на Александар Ѓорѓевиќ, а фестивалот ,,Тумба фест” е стар фестивал на кој се испеани многу добри рефрени, затоа и ми е драго што со една вака одбрана екипа ќе бидеме дел од истиот.
Фестивалот е ревијален и нема награди, но најголема награда за било која песна е ако публиката ја прифати и ако песната се пее, раскажа композиторот, кој зад себе има голем број на хитови и важи за голем промотор на неговиот роден град Кавадарци.
В.К.

