По 35 години менаџирање на модни и музички настани, решив да го одбележам јубилејот така, како што доликува, во мој стил, со десетици македонски фолк музичари и со македонски песни, односно со еден ревијален телевизиски фестивал во Битола, за Викимедиа вели познатиот менаџер Пикси Шанел.
Тој направи голема јубилејна забава во Битола, на Ракометното игралиште, и раскажува дека е горд што му дошле околу 1.000 гости, а настапиле популарни фолк пејачи со кои соработувал во годините наназад.

-На оваа роденденска прослава се пееја само македонски песни, и присутните уживаа во изведбите на Јордан Митев, Татјана Лазаревска, Благојче Стојановски – Туше, Кате и група Соната, Елена Велевска, Татијана Стефановска, Ташко Каранфиловски и Астра Бенд, Анета Арсовска, Анастасиа Митровска, Зорица Дончев, Кире Науновски, Дани Даниела, Софија Пуровска, Ангела Влинтовска, Маестрал, Империјал Бенд и Симе Брич.
Настанот го отворија младите играорци од КУД Везилка од Новаци. На крај, пред заминување, сите музичари заедно ги отпеаа ,,Бисер Балкански” и ,,Заветна”, а публиката стана од своите места и пееше и играше со естрадните уметници. Целиот настан помина во една прекрасна атмосфера, а не изостана ниту роденденската торта.

Сепак, да се опстои во овој модно-естраден свет повеќе од три децении како менаџер, за мене и моето модно студио Шанел е голем успех. Овој јубилеен фестивалски роденден го организирав во соработка во Балкан Мјузик ТВ, и наскоро ќе биде емитуван на програмата на оваа музичка телевизија.
Се надевам дека ја пренесовме пораката, дека со наши, македонски песни може да се направи еден вака забавен и интересен настан, и да продолжиме да ја негуваме македонската песна дома и во дијаспората, вели менаџерот.

Појаснува дека изостанала модната ревија на студиото Шанел, бидејќи сакал да се остави што е можно повеќе простор за музичките гости.
Додава дека се подготвува за нова турнеја кај нашинците во Австралија, со познати имиња од домашната фолк сцена, кои наскоро ќе биле соопштени.
В.К.

