Општина Неготино се подготвува за манифестацијата Неготинска музичка вечер која ќе се одржи на 19-ти септември. Иако се уште нема официјална потврда дали настанот ќе се одржи на градскиот плоштад, поради најавените градежни работи на истиот, сепак музичките гости се потврдени.
Како главна ѕвезда на вечерта, пред неготинци ќе настапи популарната српска пејачка Милица Павловиќ (34), чиј настап ќе започне во 23.30 часот, и ќе трае до еден часот по полноќ. Пред неа, публиката ќе ја загрее Жаре Бербер, со настап од 22.00 до 23.30 часот.
За крај пак, од 01.00 часот, ќе настапи диџеј Никифор, за Викимедиа потврдија од општината.

Од таму додаваат дека најверојатно сцената за манифестацијата ќе биде лоцирана на градскиот плоштад, но се уште информацијата не е дефинитивна, поради најавената реконструкција. Доколку имало промени, јавноста ќе била навремено известена.
Се уште не се знаат деталите и околу одржувањето на Неготински панаѓур, кој секогаш беше лоциран во централното градско подрачје, односно штандовите се поставуваа на плоштадот и на околните улици.
И неговото одржување зависело од динамиката на градежните работи.
Инаку, наредниот период се очекува започнување на градежна офанзива во Неготино. Градот ќе добие нов плоштад, нов кружен тек во центарот, а потоа ќе се започне и со реконструкција на околните улици.
Вики Клинчарова

