Македонска Каменица и оваа година со гордост го одбележува Денот на рударите, 28-ми август, со тридневна културно-музичка програма што ќе ја претвори градската сцена во центар на традицијата, современите звуци и незаборавните емоции.
Организатори на прославата се Општина Македонска Каменица и Културно-информативниот центар „Романса“, а настанот е под покровителство на Рудникот „Саса“, кој со години ја поддржува оваа значајна прослава на рударскиот труд, заедништво и гордост, велат од организацијата на манифестацијата.
Главни музички гости ќе бидат Дивље јагоде, кои ќе настапат на 27-ми август. Рок бендот периодов е актуелен во земјава, односно наредната вечер, на 28- август, ќе настапат на манифестацијата Ден на рударите во Радовиш. На 29-ти август пак, ќе одржат концерт во Битола, на Ракометното игралиште.
Во прилог, програмата за манифестацијата во Македонска Каменица:
Првата вечер – Фолклорна магија (вторник, 26 август 2025)
Вечер посветена на ритмите и играорците! Ќе настапат:
• Културно-уметничко друштво од Република Бугарија
• Културно-уметничко друштво од Република Србија
• Ф.А. „Китка“ од Истибање
• КУД „Вера Јоциќ“ од Македонска Каменица
Шаренилото на костимите, песните и ората ќе ја претвори сцената во мозаик на културно богатство и пријателство меѓу народите.
Втората вечер – Рок енергија (среда, 27 август 2025)
Публиката ја очекува вистинска експлозија од емоции и добро познати звуци:
• Спасен Силјаноски – глас кој носи топлина и традиција
• REPLAY BAND – Unplugged со хитови во ново светло
• Легендарните Дивље јагоде, со рок енергија што со децении ја полни балканската сцена
Големото финале – Денот на рударите (четврток, 28 август 2025)
Во 20 часот вечерта ќе ја отворат најмладите – хорот „Поточиња“ и нивниот Поки. Забавата потоа продолжува со:
• DJ Пајак – со сет што ќе ја подигне енергијата
• Митан проект и Андијана Јаневска – совршен спој на традиција и современост, обоен со нејзиниот магичен глас
• И за крај – неповторливата Дани Димитровска, чиј моќен вокал ќе биде вистинска круна на прославата, наведено во програмата.
Деск

