Со палење на фестивалскиот оган и читање на Константиновата Т’га за југ, синоќа во Домот на поезијата во Струга почна 64-то издание на најпрестижната поетска манифестација во светот, Струшките вечери на поезијата.
-Во Струга, градот каде што Дрим и стихот се прегрнуваат, вечерва заедно со претседателката Гордана Силјановска-Давкова и в.д. директорот на Струшките вечери на поезијата, Никола Кукунеш, ги отворивме 64. Струшки вечери на поезијата, истакна министерот за култура, Зоран Љутков.
Додава дека ова издание е посветено на глаголицата – симбол на светлината на словото и нашата културна душа.
-Во годината кога одбележуваме 80 години од кодификацијата на македонскиот стандарден јазик, уште еднаш се потсетуваме дека зборот е наш корен, идентитет и вечност.
Чест е што лауреат е словачкиот поет Иван Штрпка – мајстор на зборот кој нѐ потсетува дека поезијата е мост меѓу времињата, културите и народите.
Владата и Министерството за култура и туризам и оваа година стојат зад оваа манифестација, затоа што нејзината вредност не е само културен настан, туку и светска платформа за дијалог, едукација и културна дипломатија, порача министерот.
Деск

