Градот на две води, Струга, кој изобилува со прекрасни пејсажи покрај кејот на реката Црн Дрим и плажите на Охридското Езеро, деновиве ги покажа своите убавини и пред учесниците на светски познатата манифестација Струшки вечери на поезијата, која завршува денес.

Посетители од светот, кои за првпат дошле овде, се воодушевуваат од богатото културно-историско наследство, но и од спектакуларниот поглед во централното подрачје, од променадата покрај кејот, каде се лоцирани голем број на ресторани и кафулиња.
Водата, зеленилото, живописната стара чаршија, односно самото разгледување и прошетка низ Струга, нуди едно незаборавно искуство. Она кое доаѓа како изненадување, посебно за странските, но и за нашите туристи, се цените во локалите, кои во овој културен центар се доста пристојни, односно не се повисоки од оние во било кој град во внатрешноста.
Ручек за двајца покрај кејот на Црн Дрим, во една смирувачка атмосфера, со неверојатен поглед, изнесува околу 1.000 денари. Се нудат традиционални специјалитети со риба и месо, свежи салати, вкусни десерти… И пијалокот е со пристапни цени, а глетката на природните убавини и кристално чистата вода на реката е бесценето нешто, кое се добива гратис за време на престојот во овој македонски бисер.
И езерскиот брег е среден, има широки плажи со лежалки, каде воопшто нема гужви.
-Каква нирвана е ова, велат посетители од Бугарија, кои деновиве престојувале во Охрид, и за првпат дошле на прошетка во Струга.
-Ова ни е епрва посета на градот и ние сме напросто воодушевени. Да ја имаме ние оваа природна убавина споена со вакво богато културно наследство, ќе ја промовираме на светско ниво! Ова е дефинитвно дестинација која и во иднина ќе ја посетиме, ни раскажаа.
Струга – лулка на културата и град на контрасти и безвременски пејсажи, кој плени со својата автентичност и амбиент, и кој се вбројува во дестинациите кои се вредни за посетување.
Вики Клинчарова

