Годинава одбележуваме јубилеј, 70 години Општина Пробиштип, и по повод празникот на градот одлучивме главната прослава да се одржи со докажани и квалитетни имиња од македонската музичка сцена, за Викимедиа вели градоначалникот Драган Анастасов.
За време на главната вечер на манифестацијата, на 28-ми август, кога се одбележува јубилејот на градот и Денот на рударите, на градскиот плоштад во Пробиштип ќе настапат Каролина Гочева, Калиопи, Кирил Џајковски, Дац и Александар, како и актерите Тино и Атанас. Музичко-забавната програма започнува во 20 часот, а од општината очекуваат голема посетеност, бидејќи, како што истакнуваат, ова е ретка можност да се видат толку големи имиња од домашната сцена на едно место, во една вечер.

-Голем број на граѓани ја поздравија нашата одлука да го одбележиме празникот со домашни уметници, но имаше и такви кои бараат да се слави со регионални музичари. Но, во склоп на манифестацијата веќе се одржуваат настани на кои се застапени сите музички жанрови, значи имавме и гости од страна, па со самото тоа беа испочитувани сите музички вкусови.
Сепак, годинава имаме голем јубилеј, кој сакавме да помине во знакот на домашната музика за време на главната вечер, со нашите ѕвезди кои ќе понудат одлична забава, изјави градоначалникот.
Во склоп на манифестацијата пред три дена се одржа Рудар рок фест, а во наредните денови следува програма богата со спортски и културни содржини, се до финалната вечер на 28-ми август, кога пред посетителите ќе настапат македонските музички ѕвезди.
Вики Клинчарова

