Ова ми е 9-ти пат во Охрид, каде дојдов со поголема екипа на мои соработници, во пресрет на реномираниот фестивал Охридски трубадури кој започнува вечерва. Голема чест ми што сум овде, во оваа убавина која на секој чекор изобилува со култура и историја. Можам без двоумење да кажам дека е ова е најубавиот простор на Балканот, за ВИКИМЕДИА вели легендарниот музичар Дадо Топиќ.
Тој утре ќе настапи на сцената на Долни Сарај во склоп на Охрид Фест и првин ќе ја изведе песната ,,Небо”, заедно со Ана Петановска. Станува збор за дуетот со кој тие двајцата победија на фестивалот ,,Бисер на Јадранот” во Тиват. Потоа, вели дека заедно со сите учесници на фестивалот ќе излезат на сцената и ќе ја отпеат неговата безвременска песна ,,Македонија”.
-За ,,Македонија” која е компонирана пред повеќе од пет децении, веќе е кажано се. Песната ми создаде трајна поврзаност со македонскиот народ, и токму тоа е целта на музиката, да ги поврзува народите, а не да прави поделби помеѓу нив. Нашите народи ги одржа песната, преку звуците и стиховите живее таа наша поврзаност и препознавање.
Моментално во Охрид на иста маса седиме повеќе луѓе од естрадата, секој во својата област голем професионалец, собрани сме од сите краеви. Музиката не собра сите нас, овде заедно, музиката е она кое секогаш не сплотува и прави да се надминат сите различности. Со песната ги пренесуваме емоциите, а јас еве овде, во преубавиот Охрид сум исполнет со емоции не само од средбата со драги луѓе, туку и од оваа нестварна убавина пред мене, од погледот на Охридско Езеро, од ова големо македонско богатство, вели Топиќ.
Додава дека се радува на дружбата со публиката на фестивалот, но и на неговата долгогодишна соработка со првиот човек на фестот, композиторот Григор Копров, која со тек на годините прераснала во длабоко пријателство.
Токму песната ,,Небо” со која заедно со Ана ја освоија првата награда во Тиват е со музика на Копров, текстот е на Дадо, а пак аранжманот е на братот на Ана, Стефан Петаноски. Од таа хрватско-македонска музичка соработка, се роди дело кое го освои целиот Балкан.
Фестивалот Охридски Трубадури пак, на кој ќе настапи Топиќ, годинава го има своето 32-ро издание и го обединува музичкиот квалитет од Македонија и од целиот регион, а истовремено е и голем туристички промотор на Охрид.
Вики Клинчарова

