Маја Павловска, сестрана уметничка која твори во областа на музиката, пишаниот збор и ликовната уметност, а во Македонија е позната и како ќерка на легендарниот текстописец Јован Павловски, автор на ,,Бисер Балкански”, ,,Запејте сите ангели”, ,,Утрински абер”, ,,Магде, Магде”, ,,Македонија името не го менува”, ,,Дел си од мене” и многу други фолк хитови, се огласи со јавно соопштение до изведувачите на македонската музичка сцена.
Нејзиното обраќање е посебно адресирано до оние кои без да побараат дозвола од авторите, снимаат обработки на нивните песни, со кои потоа настапуваат на концерти и ги објавуваат на своите музички канали, притоа со променети аранжмани, заобиколувајќи го Законот за авторско право и сродните права. Во период кога обработките на македонските песни се доста застапени во етерот, но и на речиси секоја општинска манифестцаија на која гостуваат наши изведувачи, соопштението на Павловска го привлече вниманието не само на естрадата, туку и на пошироката јавност.

Во продолжение, нејзиното обраќање во целост:
-Во овој пост би сакала да се обратам особено до колегите, изведувачи на македонската музичка сцена.
Имено, веќе некое време, гледам, следам и се чудам, од каде ви е таа дрскост, незаконски да оттуѓувате туѓи авторски песни или без да побарате дозвола од авторите, или носителите на авторските права за истите, да си ги снимате на официјлни носачи на звук, да настапувате на ваши официјални концерти и други слични настани, ги објавувате на youtube, па уште дрскоста да биде уште поголема, си ги снимате со променети аранжмани и најбезобразно ги отфрлате авторите на аранжмани, како да сте ВИЕ, тие што одлучуваат… Како песните да се лично ваши авторски дела…
Ме интересира, дали некој од вас, застанал да го прочита Законот за авторското право и сродните права?
Дали сте свесни дека со секоја обработка на песна, доколку не ги испочитувате авторите, или носителите на авторските права на делото, вршите кривично дело, за кое се одговара според гореспомнатиот Закон?
До кога мислите дека ќе ви се толерираат ваквите неколегијални и безобразни испади?
Заради сѐ гореспоменато, на сите вас, кои без дозвола сте направиле преработки на песните:
– “Бисер балкански”,
музика: Хилми Билбил
Текст: Јован В. Павловски
Аранжман: Томислав Таневски;
– ” Запејте сите ангели”
Музика: Гоце Николовски
Текст: Јован В. Павловски
Аранжман: Горан Алачки;
и ги изведувате со друг аранжман од оригиналниот, јас и останатите автори и носители на авторските права, од денес, заради непочитување,
1.ВИ ЗАБРАНУВАМЕ да ги изведувате песните со вашите аранжмани.
2.Бараме, секаде каде што се објавени ваши јавни настапи, концерти, носачи на звук, на youtube и слично, и покрај тоа што штетата е веќе направена, сепак имињата на оригиналните автори на песните, да бидат потпишани, (под видео клипот, мп3 итн.) ВЕДНАШ!
3. Од сега натаму, доколку не бидам лично прашана за дозвола за преработка и изведба на било кое мое, или авторско дело на мојот татко, Јован В. Павловски, автоматски почнувам судски процес против сторителот, кој и да е.
Побарав одговор од ЗАМП како е можно да се случува ова и на кој начин сме ние, како автори и носители на авторски права, заштитени од нивна страна. Сеуште чекам одговор. Се надевам дека ќе го добијам во рок од три дена.
После овој рок, тргнувам кон ставање крај на оваа хаотична ситуација, еднаш засекогаш, истакна Павловска.
https://www.youtube.com/watch?v=6YwhRflnnes
Вики Клинчарова

