Откако минатата година направи ретроспективна изложба во објектот на Националната галерија на Македонија (НГМ) Даут пашин амам на која за месец и половина имаше над 5.000 посетители, Мирослав Масин, еден од највпечатливите македонски современи ликовни уметници, доаѓа во Кавадарци.
Во склоп на манифестацијата Тиквешки гроздобер 2025, најавена е негова изложба на слики во Музеј Галерија Кавадарци, на петти септември (петок) со почеток од 19.00 часот.
Во пресрет на изложбата, љубителите на уникатната уметност на Масин се во очекување на средбата со неговите фасцинантни дела, кои ги создава веќе четири децении. Тој дипломирал на ФЛУ во Скопје во 1988 година и зад себе има околу 40 самостојни и 200 групни изложби во: Македонија, Австрија, Данска, Франција, Бугарија, Турција, Италија, Чешка и Америка.
За неизбришливиот траг кој уметникот и познат скопски боем го остава на македонската ликовна сцена, доволно зборува податокот што неговата изложба во Даут пашин амам во Скопје минатата година беше продолжена за уште две недели, поради огромниот интерес од публиката и траеше од средината на мај, до крајот на јуни.
Но, и покрај признанието од публиката, тој за себе знае да каже дека не се нарекува уметник, бидејќи според него требало да помине век – два, за историјата да проџвака и да види дали некој навистина бил уметник.
-Сликањето ми е и работа и хоби, а кога тие две нешта ќе ги споиш, тоа е прекрасно чувство, изјави Масин на минатогодишната прес-конференција пред изложбата во Националната галерија, со која постави нови трендови кога е уметноста кај нас во прашање.
Минатата година тој ја доби државната награда ,,Свети Климент Охридски” за 2024 во областа на културата и уметноста и истата му беше доделена како највисоко признание за долгогодишни остварувања во неговата област.
Вики Клинчарова
Фото Маја Аргакијева

