Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија, Венко Филипче заедно со неготинскиот кандидат за градоначалник од СДСМ, Петар Мантев и претставници од партијата, одржал средба со лозари од неготинското село Тимјаник, на која се разговарало за состојбата со откупот на винското грозје, проблемите со кои се соочуваат лозарите и за нивните предлози како да се унапреди оваа земјоделска гранка, соопштија од СДСМ.
-Филипче на средбата ги информираше лозарите дека пратеничката група на СДСМ во Собранието поднесе Предлог-закон за изменување на Законот за вино по скратена постапка, кој предвидува воведување на дополнителна финансиска поддршка за лозарите во висина од 3 денари по килограм предадено винско грозје, за сите производители кои ќе предадат грозје кај регистриран производител на вино во периодот од 1 август до 30 ноември 2025 година.
Исто така, со измените се предлага укинување на членот од постоечкиот закон што дозволуваше 8% намалување на откупната цена на винското грозје, доколку визбите не ја направат исплатата во рок од 7 дена по откупот на грозјето – со цел да се спречат манипулации со откупната цена, истакнаа од партијата.
Додаваат дека Филипче посочил дека, иако постоечкиот закон што се донесе лани има за цел да ги заштити лозарите, ресорното министерство не го почитува, со што им нанесува директна штета.
-Со тоа што Законот предвидува одредување на производна цена – значи лозарот ќе биде заштитен, а сега тоа МЗШВ не го испочитува. Законот е според европските регулативи, и во методологијата за пресметка треба да се вкалкулира колкава е цената на работната рака, на репроматеријалите, на заштитните средства. Винариите имаат обврска да го откупат грозјето за 25% повисока цена од производната. Ако се почитуваше законот, лозарите сега немаше да имаат проблем, рече Филипче.
Деск
Филипче и неготинскиот кандидат за градоначалник од СДСМ, Петар Мантев, на средба со лозарите од Тимјаник
2 Mins Read

