Во тек на вчерашниот ден при проверка на снимки од нашата надзорна камера забележавме непознати маж и жена, кои во повеќе наврати минуваат по улицата, а потоа дури и фотографираат во дворовите. Не сме ги виделе никогаш порано, однесувањето им беше сомнително, стравуваме дека можеби планираат да крадат, за ВИКИМЕДИА раскажуваат жители на улицата Маршал Тито.
Појаснуваат дека јавно реагираат поради настанот, бидејќи Неготино е мал град каде сите меѓусебно се знаат, однесувањето на двете непознати лица ги вознемирило.
-Не знаеме што има да се фотографира во туѓи дворови. Никој од локалното население не се однесува вака, да се вртка околу куќите и дворовите. Ова се случи на главната улица Маршал Тито, во близина на Полициската станица. Разговаравме со соседите, никој не ги знае луѓето кои се, а многумина ги забележале. На камерите се гледа дека минуваат повеќе пати, подзастануваат и пак фотографираат во дворовите, раскажуваат нашите соговорници.
Додаваат дека настанот ќе го пријават во полиција во тек на денот, а јавно се обратиле со цел да ги предупредат своите сограѓани на поголема внимателност поради невообичаеното однесување на непознатите лица.
В.К.
Неготинци вознемирени поради непознати маж и жена кои им ги фотографирале дворовите
1 Min Read

