Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека во изминатите неколку месеци е постигнат значителен напредок во реализацијата на повеќе проекти во главниот град, оценувајќи дека тие биле затекнати во застој, а сега се интензивно реализираат.
Тој упати честитки до градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски, истакнувајќи дека за краток период се направени крупни чекори во придвижувањето на капиталните проекти.
„За овие неколку месеци откако Орце е градоначалник се гледа огромен напредок. До Нова година очекуваме не само овој проект, туку уште два, па и три проекти да бидат завршени“, рече Мицкоски.
Премиерот најави дека до крајот на годината Град Скопје ќе добие нова комунална механизација, вклучувајќи камиони, цистерни и метларки, наменети за подобрување на јавната хигиена. Според него, тендерската постапка е завршена, а финализирани се и административните процедури поврзани со испораката.
Тој информираше дека кон крајот на август се очекува промоција на новата опрема, која, покрај Скопје, ќе биде распределена и во неколку други поголеми општини низ државата.
Во однос на јавниот превоз, Мицкоски рече дека е во тек постапката по жалбите за набавката на електрични автобуси и изрази очекување процесот наскоро да заврши, по што новите автобуси ќе бидат ставени на располагање на Град Скопје, како и на други општини.
„Се интензивираат активностите, се работи на проектите и се реализира она што е ветено“, истакна премиерот.
Тој нагласи дека не е можно за кратко време да се надомести сè што, како што рече, било запоставувано со децении, но оцени дека со посветена работа и координација се постигнуваат видливи резултати.
-За жал, не можеме преку ноќ сето она коешто со децении е уништувано да го поправиме, но се разбира со фокусирана работа, со посветена работа гледате дека и тие работи што се невозможни стануваат реалност и стануваат возможни, истакна тој.
Мицкоски упати благодарност до советниците кои ја поддржуваат работата на градоначалникот, до администрацијата на Град Скопје, членовите на Владата и градоначалниците од скопските општини за нивниот придонес во реализацијата на проектите.
Тој порача дека Владата ќе продолжи да ги поддржува општините и изрази уверување дека градоначалникот Орце Ѓорѓиевски ќе продолжи со реализацијата на проектите што се приоритет за развојот на главниот град.
МИЦКОСКИ: ГЛЕДАТЕ ДЕКА СО ФОКУСИРАНА РАБОТА И НЕВОЗМОЖНИТЕ РАБОТИ СТАНУВААТ ВОЗМОЖНИ!
2 Mins Read

