Првата самостојна изложба во Кавадарци на еден од највпечатливите македонски ликовни уметници, големиот Мирослав (Миро) Масин, синоќа беше уникатен настан во склоп на општинската манифестација Тиквешки гроздобер 2025. Четринаесет дела од циклусот Птици беа изложени пред публиката која ја имаше честа да влезе одблизу во магичниот сликарски свет на уметникот, а тој не го криеше задоволството што е во Кавадарци.

Кажа дека изложбата се случила без многу претходни договори, спонтано и лесно, а по нејзиното свечено отворање, се дружеше со посетителите во отворениот дел на Музеј галеријата. Со кавадаречко вино и ракија, како и со одличниот репертоар на рок составот Бадасал, Масин и почитувачите на неговото дело, во Кавадарци ја славеа уметноста и креативноста која трансформира и обединува.
Директорот на Музеј галерија Кавадарци, Јаким Зимоски кажа дека е голема честа за првпат во Кавадарци со самостојна изложба да се претстави автор од калибарот на Масин. Тој заедно со сите вработени во галеријата допринесоа присутните, помеѓу кои имаше и гости од странство, односно од побратимените градови на Општина Кавадарци, да го почувствуваат кавадаречкото гостопримство, и да имаат вечер која долго ќе се памети.
За творештвото на Масин пак, кое трае повеќе од четири децении, најгласно зборуваат неговите дела. Сликите од циклусот Птици, кои допатуваа со него во Кавадарци се празник за око, и го носат гледачот во волшебниот свет кој мајсторски го изградил со сликарската четка во рака.
-Да имаме што е можно повеќе вакви настани, прослави на уметноста кои го полнат окото, но пред се и духот, порачаа присутните.
Директорот Зимоски пак, најави настани во музејот и во наредните два дена, како дел од Тиквешки гроздобер 2025. Вечерва ќе се одржи промоција на фотомонографија за Бранко Иванов, а пак утре изложба на скулптури од Маја Танева.
Вики Клинчарова

