-Осум часа со Виолета бевме затрупани под урнатините, и благодарение на неа сме живи… често се сеќаваме на тие моменти, кои ги променија нашите животи. Жив сум благодарение на неа и на нејзината храброст и упорност да не извлече од урнатините. Кога се случи земјотресот, јас бев мал, имав пет години, таа беше околу 18 години. По потекло од Битола, учеше средно училиште во Скопје, и дента пред земјотресот дојде кај нас.
Ние живеевме во зграда наспроти стариот театар, кај дрвениот мост. Виолета ми беше и остана да ми биде како сестра, и бидејќи отсекогаш многу ја сакав, вечерта кога дојде, посакав да спијам во нејзиниот кревет. Кога се случи земјотресот, бев покрај неа. Нашата зграда се урна, имаше многу жртви, а многумина останаа затрупани под урнатините, за ВИКИМЕДИА раскажа композиторот, диригент и инструменталист Љупчо Мирковски, кој во големиот скопски земјотрес пред 63 години, бил затрупан во урнатините заедно со неговата братучеда, фолк дивата Виолета Томовска.

-Тоа се мигови кои вечно се врежуваат во сеќавање. Ние двајцата останавме затрупани околу осум часа, а Виолета со голи раце започна да копа по урнатините. Сакавме да дојдеме до светлост, да можеме да повикаме помош. Благодарение на нејзината упорност успеавме, и луѓето конечно ги слушнаа нашите повици за помош. Дојдоа, направија дупка, не спасија…Немавме тешки повреди, блиските беа пресреќни што не гледаат живи, ни раскажа композиторот.
Сепак, неговото семејство доживеало голема загуба, бидејќи во земјотресот загинале неговата вујна, но и вујко му, оперскиот пејач Благој Петров Караѓуле.
Минатата година семејството се собрало да го прослави јубилејниот, 80-ти роденден на Виолета, а Мирковски ни достави фотографија на која позираат неколку генерации од нивната фамилија, тој, Виолета, брат и, неговата сестра Будимка и внуката Срна, истакнувајќи дека тоа што го доживеале уште повеќе ги зближило како фамилија.

